09 октомври 2026
• од Тодор Вангелов
Основниот суд во Куманово му изрече доживотна затворска казна на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, откако го прогласи за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.
Како што објави порталот „4news.mk“, Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Злосторствата биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, а жртвите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.
Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, а второто во јуни истата година во селото Драгоманце. Во јануари и февруари 2026 година биле извршени уште две убиства, во Старо Нагоричане и во селото Челопек.
Според обвинението, Бојковски се обидел да убие уште две жени во Челопек. При првиот напад, во јули 2025 година, жената успеала да повика помош, по што напаѓачот побегнал. Вториот обид се случил во февруари 2026 година, кога, според обвинителството, обвинетиот се откажал од намерата и го напуштил местото.
Со ова, Основниот суд во Куманово донесе првостепена пресуда за случајот со четири убиства и два обида за убиство, изрекувајќи му ја на Бојковски најтешката затворска казна.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

